Monday, June 22, 2009

ШАРСКИ ВОДИ СЕ ЕТАБЛИРА КАКО НАЈГОЛЕМА СПОРТСКО РЕКРЕАТИВНА АКТИВНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА

Спортско – рекреативниот планински велосипедски маратон Шарски води, кој претставува етапа од Проектот Планинска велосипедска трка низ Македонија Сончев Круг, вчера потврди дека е најголемата спортско рекреативна манифестација во велосипедизмот во Македонија. Вчера на падините на Шар планина, се собраа над 300 велосипедисти во планински велосипедизам од целата држава.

Планинскиот велосипедски маратон Шарски Води 2009, стартуваше во 7.30, од кај Планинарскиот дом Смреки, а целта беше кај детското одмаралиште Бунец, кај Мавровско езеро. Вкупната должина од 92 км., во машка конкуренција прв ја мина Горан Стефановски, а зад него беа Александар Сиљановски и Димитри Димитров, а во женска конкуренција прва беше Челана Димитриевиќ, втора на целта пристигна Елизабета Пољоска, а трета Биљана Митроска. Маратонот помина во најдобар ред со мали технички проблеми на велосипедистите, кои беа разрешувани на самата патека и сите пристигнаа на целта.

Општ впечаток на учесниците во маратонот беше дека Планинскиот велосипедизам, а особено етапата Шарски Води од година во година прераснува во престижна манифестација, со се поголем број на учесници (во 2007 имаше 105 велосипедисти, 2008 -157 велосипедисти). Карактеристично за маратонот беше што сите велосипедисти беа полни со спортски ентузијазам и фанатизам, желни да ја извозат патеката во целост, затоа и последните учесници пристигнуваа околу 18.00 часот попладнето со три до четири часа задоцнување зад прво пристигнатите.

Организаторот од иницијативниот одбор на Сончев Круг, најавува дека следната година на патеката Шарски Води ќе возат и учесници од странство, а исто така најавуваат и дека на 28 јуни годинава, на Галичица ќе се вози вториот планински рекреативен велосипедски маратон Галичица 2009.





No comments: